Големиот процент семејства што земаат минимални примања и со тоа неможноста жените да си купат менструални производи се причините поради кои во Македонија има менструална сиромаштија.
Висок е процентот на жени кои не можат да си дозволат пристап до менструални производи, покажало Истражувањето спроведено со 1.118 испитанички. Здружението „Новинари за човекови права“ ги сподели резултатите по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста за менталното здравје. Жените укажале дека во текот на месецот можат да потрошат најмногу 250 денари за менструалното здравје.
„Прашањето за менструалното здравје, за управувањето со менструална хигиена сѐ уште многу малку или воопшто не се зборува во училиште. Тоа е една од причините што нѐ наведува да се прашаме каде одиме, затоа што како девојчињата кога првпат ќе добијат, ќе знаат како да се соочат и што да прават“, рече Наташа Доковска, програмски директор на здружението „Новинари за човекови права“.
Поради ваквата неможност за грижа за себе, процентот на инфекции на репродуктивното здравје кај жената е зголемен за 70%, додаде Доковска.
„Сите девојчиња во образовниот процес од следната учебна година да добиваат бесплатен пакет производи во текот на месеците додека одат на училиште. Во сите молови и хотели да имаат бесплатен пристап до производи за управување со менструалното здравје. Да бидат одобрени еден до два слободни дена месечно за секоја жена од работа, која има потреба. Да биде законски регулирано за да нема злоупотреби“, порача Доковска.
Ова се резултати од компаративната анализа од Истражувањето за степенот на менструална сиромаштија во Македонија, Србија и Албанија, а во рамки на проектот „Управување со ризик во секторот за вода, санитација и микропластика во регионот на Балканот.