Вардар ги надигра фудбалерите на Детонит Плачковица, кои го загубија историскиот натпревар во баражот за местото во Првата македонска фудбалска игра. Натпреварот, кој вчера се одигра во Струмица, заврши 2:0.
Екипата од Радовиш немаше сили за изненадување против скопскиот ривал и ја затвори сезоната со пораз. Тимот на Горазд Михајлов, пак, ја оствари главната цел и опстана во македонската фудбалска елита, меѓутоа Вардар како клуб ќе мора да работи напорно летово за да донесе замена за играчот кој со години беше лидер.
Дефанзивецот Дарко Глишиќ, искусен лев бек, не можеше да ги контролира емоциите и со солзи во очите го дочека последниот судиски свиреж. Вчера го одигра последниот натпревар за Вардар, клуб со кој опстоја во најтешките моменти.
„Поим за љубов, лојалност и посветеност кон Вардар! Ти благодариме, Дарко, за секој момент поминат во светиот црвено-црн дрес. Твоето име ќе биде врежано кај секој вардарец. Засекогаш си дел од црвено-црното семејство“, напишаа од Клубот по повод заминувањето на Глишиќ.
Тренерот на Детонит, младиот стратег Иван Варадиновски, го призна разочарувањето од вчерашниот натпревар. Сепак, по последниот натпревар нагласи дека мора да се горди на одличната сезона.
„Благодарност до публиката за поддршката во текот на целиот натпревар. Сакам да ѝ честитам на екипата на Вардар и да им посакам сѐ најдобро во иднина. Нормално е, кај нас има разочарување, меѓутоа не смееме да сме неблагодарни. Секоја чест за моите играчи. Сметам дека мора да бидеме горди како клуб, град и јас како тренер за тоа што го постигнавме сезонава“, изјави Варадиновски.
Детонит сезоната во ВМФЛ ја заврши на третата позиција, а ако успее да го задржи сегашниот ростер и да додаде некое засилување, веројатно, повторно ќе влезе во битката за врвот.