Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започнува подготовките за пријателските натпревари против Хрватска и Чешка. Двата предизвика во јуни ќе се одиграат на гостински терен, а фудбалерите веќе се собираат во Скопје за кратките подготовки пред закажаните дуели во Ријека и Храдец Карлове на 3 и 10 јуни.
Останува да се види дали селекторот Милевски ќе може да смета на сите играчи кои се повикани за овој собир, со оглед на повредата на капитенот Енис Барди, кој вчера се повреди играјќи за Трабзонспорт. Претходно неизвесен беше и Дарко Велковски.
„Двата контролни натпревара во Ријека против Хрватска и Храдец Кралове против Чешка ни се важни во подготовките за септемвриските предизвици, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. Мора да поправиме и некои работи во играта ако сакаме да забележиме позитивен резултат на претстојните два меча. Мораме подобро, свесен сум за тоа. Создаваме шанси, но мораме да ја подобриме ефикасноста, повеќе да влегуваме во празен простор, да покажеме карактер. Ова се натпревари на кои мотив, сигурно, нема да недостасува и треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто“, вели Милевски.
Натпреварите се подготовка за предизвиците во Лигата на нации, кои Македонија ја очекуваат на 10 септември. Тогаш нашиот тим ќе игра против Фарски Острови, а три дена подоцна против Ерменија.